Ride the Lightning
„Ride the Lightning“ | ||||
---|---|---|---|---|
Студиски албум од Metallica | ||||
Издаден | јули 27 1984 | |||
Снимен | 20 февруари–март 14 1984Копенхаген, Данска | во Sweet Silence Studios во|||
Жанр | Треш метал | |||
Траење | 47:20 | |||
Издавачка куќа | Мегафорс | |||
Продуцент | Металика, Флеминг Расмусен, Марк Витакер | |||
Metallica — Хронологија | ||||
| ||||
Издадени песни од Ride the Lightning | ||||
|
Ride the Lightning е вториот студиски албум на американскиот хеви метал бенд Металика, издаден на 27 јули 1984 година од издавачката куќа Мегафорс. Албумот беше снимен во 3 недели со продуцентот Флеминг Расмусен во "Sweet Silence Studios" во Копенхаген, Данска, родната земја на тапанрот Ларс Улрих.
Насловната корица прикажува електричен стол погоден од повеќе громови што течат од логото на бендот. Насловот е преземен од пасус во романот на Стивен Кинг, Стендот, во кој еден лик ја користи фразата како метафора за егзекуција на електричен стол.
Критичарите го сметаат овој албум се еден од најдобрите метал албуми на сите времиња. Претставувал големо унапредување на звукот на бендот од претходниот албум во однос на сложеноста на музиката со многу повеќе хармонии, покомплексни рифови и внесување на акустични гитари за прв пат. За музичкото созревање на бендот главно е заслужен басистот Клиф Бартон кој останатите членови ги научил музичка теорија. Како соавтор на две песни од албумот се јавува поранешниот член на Металика, Дејв Мастејн, а е исто така првиот албум во кој Кирк Хамет добива авторска контрибуција за напишаните песни.
После само 2 месеци од издавањето на албумот, Металика потпишале повеќегодишен договор со големата издвачка куќа Електра. Ride the Lightning стигнал до 100-то место на Билборд листата за албуми во САД, без никаква изложеност на радио. Во однос на комерцијалниот успех, во 2012 биле продадени околу 6 милиони примероци само во САД, а се проценува на светско ниво оваа бројка изнесува околу 12 милиони[1].
Албумот бил дигитално ре-издаден и ремастериран во 2016 година со дел од песните изведени во живо како бонус нумери.
Песни на албумот
[уреди | уреди извор]Fight Fire With Fire
[уреди | уреди извор]Песната започнува со краток хармоничен дел на акустична гитара, пример за музичкото созревање на бендот. Текстот се занимава со потенцијалниот крај на светот - Армагедон, тема која била многу релевантна во времето на Студената војна, додека музиката по акустичниот вовед па сѐ до крајот е изведена со неверојатно брзо темпо (околу 190 удари во минута), претставувајќи најбрза и најекстремна песна на албумот.
Ride the Lightning
[уреди | уреди извор]Истоименувата песна е првата на бендот каде отворено говорат за неефикасноста на правниот систем, една од главните теми за кои пеат бендот. Невин човек е неправедно обвинет за убиство и осуден на смрт со електирчен стол. Во трите строфи се искажува револт од направената грешка преку реторичното прашање до властите - Кој ве направи Бог да ми речете „Ќе ти го одземам животот“?. Ова исто така е една од двете песни потпишани од Дејв Мастејн. Овој потфат ги поттикнал Металика и во иднина да пишуваат песни во кои го критикуваат општествениот систем со сите негови слабости и недостатоци.[2]
For Whom the Bell Tolls
[уреди | уреди извор]Епска песна, инспирирана од истоимениот романот на Ернест Хемингвеј. Во песната се зборува за страшните слики на војната. Опеано е патриотското чувство на војниците и нивното жртвување за идеалите на сопствената земја. Но, подмолно го посочуваат коцкањето со своите животи, нагласувајќи дека тие гинат безпотребно за себичните цели на нивните команданти. Структурно гледано, песната има препознатлив вовед, каде Клиф Бартон свири две дисторзирани бас солажи со помош на педали, придружени со постојано биење на камбани во позадина. Потоа следуваат двете строфи напишани со совршени ритмика и испеани многу впечатливо, со силни емоции. Композицијата е со побавно темпо, со цел да дојде до израз длабоката лирика во текстот. Изведувана е на скоро сите концерти на Металика, со ретки исклучоци.[3]
Fade to Black
[уреди | уреди извор]Првата балада напишана од Металика е токму оваа. Почеток со чисти и хармонични гитарски рифови, кои со текот на песната постепено преминуваат во потешки и побрзи. Почетните реакции на обожавателите кон ова прекрасно и сентиментално дело, чиј лајт-мотив е мрачната и потиштена атмосфера, биле претежно негативни и критички настроени. Но, денес се смета за една од најубавите и најчувствителни хеви метал балади на сите времиња. Тема на песната се разочараноста од животот и самоубиството како единствен излез од внатрешната агонија. Завршното соло на Кирк Хамет е рангирано како седми најдобар перформанс на гитара во популарната музика.[4]
Trapped Under Ice
[уреди | уреди извор]Оваа песна е чиста демонстрација на треш металот кој го карактеризира Металика. Песната е во постојано брзо темпо без успорување, а текстот раскажува за човек кој се буди замрзнат жив, но нема кој да му помогне и со тоа ја чекува својата болна судбина (смрт). Дел од обожавателите текстот го толкуваат како приказна за човек заклучен во операциона сала, на кој му се вршат експериментални хируршки зафати на екстремно ниска температура. Многу дет метал бендови имаат направено своја преработка на песнава, од кои највпечатлива е онаа на Exhumed.[5]
Escape
[уреди | уреди извор]Оригинално крстена "The Hammer", оваа песна е исвирена само еднаш во живо, и тоа во 2012 на "Orion Music + More" фестивалот кога бендот го отсвирија целиот албум од почеток до крај. Тоа се должи на фактот што песната била напишана кога издавачката куќа ги натерале Металика да напишат песна која ќе биде обид за комерцијален пробив на радиото. Поради ова причина, Џејмс Хетфилд често има зборувано за тоа како е неговата најнеомилена песна, мислење кои го споделуваат и многу фанови на бендот. Без многу динамика и во средно темпо, се искажува протест и негодување спрема луѓето кои се обидуваат да ги контролираат нивните судбини. Донекаде текстот е и резултат на тинејџерски бунт кон принципите на тогашното конзервативно општество. Пораката овде е јасна и недвосмислена "Сами сме господари на својата судбина".[6]
Creeping Death
[уреди | уреди извор]„Creeping Death“ или притаена смрт е можеби најдобрата песна на албумот и втората најизведувана песна на концертите на Металика, (1362 пати досега). Содржи библиски мотиви, поточно ги раскажува 10-те проклетства со кои Бог го казнил Египет затоа што фараонот не ги пуштил Евреите да си заминат од таму. Има величествен почеток, а особено е познат мостот на средина од песната, каде обожавателите извикуваат „Die“ (умри), а Хетфилд продолжува „Die by my hand“ (умри од мојата рака). Текстот е пишуван од гледна точка на Мојсеј, кој е Избраниот од Господа да го извлече својот народ од египетската земја Гошен. Завршниот рефрен обично го пеел басистот Џејсон Њустед додека беше дел од Металика, додека по неговото заминување обожавателите го исполнуваат крајот на песната. Ако некој праша што е тоа треш метал, повеќето познавачи ја посочуваат токму оваа песна како класичен пример.[7]
The Call of Ktulu
[уреди | уреди извор]Инструменталната „The Call of Ktulu“ е осмата и завршна нумера на албумот. Ова е последната песна во целата дискографија на Металика во која Дејв Мастејн се потпишува како соавтор. Пишувана е под работен наслов When Hell Freezes Over, а идејата е добиена од еден роман на американскиот писател Хауард Филипс Лавкрафт. Воведот е многу сличен на она од „Hangar 18“, со таа разлика што е свирен во понизок тоналитет. Бас гитарата е носечкиот столб на композицијата, додека останатите две гитари свират доста усогласено и чисто. Тапаните при крајот на песната удираат во брз и енергичен ритам, кој многу потсетува на песните од македонскиот народен фолклор.[8]
Список на песни
[уреди | уреди извор]Автор на сите текстови е Џејмс Хетфилд.
Бр. | Наслов | Музика | Траење |
---|---|---|---|
1. | „Fight Fire with Fire“ | Хетфилд, Улрих, Бартон | 4:45 |
2. | „Ride the Lightning“ | Хетфилд, Улрих, Бартон, Мастејн | 6:36 |
3. | „For Whom the Bell Tolls“ | Хетфилд, Улрих, Бартон | 5:09 |
4. | „Fade to Black“ | Хетфилд, Улрих, Бартон, Хамет | 6:57 |
5. | „Trapped Under Ice“ | Хетфилд, Улрих, Хамет | 4:04 |
6. | „Escape“ | Хетфилд, Улрих, Хамет | 4:23 |
7. | „Creeping Death“ | Хетфилд, Улрих, Бартон, Хамет | 6:36 |
8. | „The Call of Ktulu“ (инструментална) | Хетфилд, Улрих, Бартон, Мастејн | 8:53 |
Вк. траење: |
47:23 |
Бонус нумери во дигиталното издание[9] | ||
---|---|---|
Бр. | Наслов | Траење |
9. | „For Whom the Bell Tolls“ (во живо од Сиетл 1989) | 5:34 |
10. | „Creeping Death“ (во живо од Сиетл 1989) | 8:12 |
Вк. траење: |
61:12 |
Персонал
[уреди | уреди извор]- Металика
- Џејмс Хетфилд – вокал, ритам гитара
- Ларс Улрих – тапани
- Клиф Бартон – бас гитара, придружен вокал
- Кирк Хамет – водечка гитара
- Технички персонал
- Флеминг Расмусен – продуцент, аудио инженер
- Металика – продуценти, концепт на омот
- Марк Витакер – извршен продуцент
- Боб Лудвиг – дизајн на албумот
- Мајк Жил и Џорџ Марино – дигитален ремикс
- Пит Кронин, Фин Костело и Рик Брекет – фотографија
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Número de álbuns vendidos do Metallica (1983-2020), Посетено на 2023-11-16
- ↑ „Invisible Oranges - Појаснување на „Ride the Lightning" од Металика“. Архивирано од изворникот на 2012-03-23. Посетено на 2012-09-13.
- ↑ „Invisible Oranges - Појаснување на „For Whom the Bell Tolls" од Металика“. Архивирано од изворникот на 2012-03-25. Посетено на 2012-09-13.
- ↑ „Invisible Oranges - Појаснување на „Fade to Black" од Металика“. Архивирано од изворникот на 2012-03-25. Посетено на 2012-09-13.
- ↑ „Invisible Oranges - Појаснување на „Trapped Under Ice" од Металика“. Архивирано од изворникот на 2012-09-06. Посетено на 2012-09-13.
- ↑ „Invisible Oranges - Појаснување на „Escape" од Металика“. Архивирано од изворникот на 2012-03-24. Посетено на 2012-09-13.
- ↑ „Invisible Oranges - Појаснување на „Creeping Death" од Металика“. Архивирано од изворникот на 2012-09-06. Посетено на 2012-09-13.
- ↑ „Invisible Oranges - Појаснување на „The Call of Ktulu" од Металика“. Архивирано од изворникот на 2012-03-24. Посетено на 2012-09-13.
- ↑ Kaufman, Gil (2006-06-26). „Metallica Put Catalog On iTunes — Quietly“. MTV. Архивирано од изворникот на 2019-09-11. Посетено на 2012-04-11.